ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 

Во спомен на Д-р Арне Н. Ѓоргов

(In memory of Dr Arne N. Gjorgov)

(1930-2013)

18 октомври 2013


Арне Н. Ѓоргов, епидемиолог од Македонија, кој ја проучуваше врската помеѓу бариерната контрацепција и карциномот на градата кај жената, почина на 18 октомври, на возраст од 83 години


Го запознав во 1999 година при моето прво вработување, во Children’s Aid Direct, Британска невладина организација. Сите кои работеа таму беа млади, само Тој се разликуваше. Седеше сам и внесуваше некакви податоци во компјутерот. Некакви прашалници, работеше чудна статистика, и резултатите ги матерјализираше во пишан текст кој имаше смисла. Цело време нешто пишуваше. Веднаш ме заинтересира. Почнав да се доближувам до него и да го следам како работи. Ме гледаше и молчеше, но јас упорно седев до него. После неколку дена го прашав, "Докторе што работите?" Ме погледна, и ми рече: “Седи и гледај ако сакаш да учиш.” Седнав...И научив...

Доктор Арне е роден 1930 година во Велес, и секогаш се гордееше со својот роден град. Се гордееше со своите родители и со радост ги спомнуваше. Со почит зборуваше за татко му. Малкумина можеби ја знаат приказната за неговата мајка Раца, и љубовта која нашиот славен поет Коста Рацин ја имал кон неа. Коста е Рацин, по љубовта кон мајката на доктор Арне. Можеби токму и таа платонска љубов кај доктор Арне го побудува интересот и потребата за истражување на жената, за биолошката врска помеѓу мажот и жената кои беа централен интерес на неговата научна работа.

Доктор Арне дипломираше на медицинскиот факултет, и магистрираше јавно здравје во Загреб. Неговата магистерска тема беше ерадикацијата на маларијата во Македонија. Пред неколку недели ја разгледувавме магистерската дисертација која за мене изгледаше фасцинантно и во начинот како е напишана, како и во илустрацијата на проблемот, со графички прикази рачно нацртани.

Во својот професионален живот работеше на многу теми, но сепак, клучната тема, и професионална инспирација на Доктор Арне е темата на неговиот докторат кој го одбрани во 1978 година на Универзитетот во Северна Каролина, Chapel Hill, САД. Неговата докторска дисертација беше на темата за Бариерната контрацепција и причините за појавување на Брест канцер, карцином на градата кај жените, модерната епидемија на денешницата. Оваа тема го обележа целиот негов професионален, би кажал и приватен живот. Фасцинантно беше да се чита, слуша и следи интересот кој докторот го имаше кон овој проблем. Има напишано и објавено десетици научни трудови на тема примарна превенција на брест канцер. Има објавено стотици писма, комуникации и коресподенции. Не ретко добиваше писма од светски државници, и авторитети кои се интересираа за неговите истражувања. Пристапот кој доктор Арне го имаше кон овој проблем, ентузијазмот и енергијата која ја посветуваше, за мене беа и ќе продолжат да бидат непресушен извор на инспирација. Отсекогаш бев фасциниран од неизмерната енергија и знаење кои зрачеа од овој човек.

Д-р Арне целиот свој живот го посвети на семејството и на науката, на постојаната потрага кон новото. Имаше голем репсект кон историјата, кон уметноста, кон философијата, кон животот. Тој беше човек кој секогаш критички ги обсервираше нештата. Во секавање ми остави безброј прекрасни моменти, и незаборавни спомени. Тој беше човекот кој ме внесе во проблематиката на јавното здравје, во тајните на епидемиологијата, во светот на истражувањата, во философијата на науката. Ми ги посочи големите филосови Karl Poper, Imre Lakatos, Paul Feyerabend... Ми викаше “Читај ги Владо, читај ги, ќе ти се најдат”. Со радости ја дискутиравме уметноста на Gustav Klimt и неговата фасцинација со жената. Ми беше неисцрпен извор на инспирација, учител и интелектуален соговорник. Секогаш критичен, правичен, широк и полн со знаења.

Во овој последен поздрав до Докторот би сакал да издвојам два моменти кои за мене ја отсликуваат неговата остроумност, и моќ за концентрација кои ги задржа до последните денови од неговиот живот.

Беше 2001 година и заедно работевме во министерството и фондот за здравство. Се појави проблем со јапонската донација за нашите болници, и имаше потреба итно да се напише допис до јапонскиот амбасадор во Виена, во кои ќе ги објасниме причините поради од наши состојби настанат проблем. Бев одговорен за односи со јавност и веднаш го викнав докторот да ми помогне. Не се чуствував подготвен да пишувам на англиски. Го замолив заедно да го напишеме писмото. Доктор Арне пишува, а јас му стојам над главата, сугерирам и го брзам да заврши. Кон крајот се вклучувам и допишувам уште неколку реченици, го печатам писмото и се подготвувам бргу да го испратам по факс. Во еден момент доктор Арне ми вели: „Tе молам да го прочитам уште еднаш пред да го пратиш”. Јас му го давам. Тој го чита, ме погледнува и ми вика „Владо, тука си додал еден збор „misunderstanding” (недоразбирање). Не може да го пратиме писмото со тој збор во него. Мора да го промениме.” Но, јас се брзам и му викам: "Aјде докторе, кој ќе ни замери за еден грешно напишан збор во две страници текст", го земам писмото и го праќам. После непол час добиваме телефонски повик од јапонската амбасада во Виена. Ме бараат мене. Се јавува советникот на амбасадорот, ми се заблагодарува за писмото, но ми вели “Г-ин Лазаревик, во вашиот допис има еден збор кој ние не го разбираме „misunderstanding”. Би ве замолиле да ни објасните што сакате да кажете со овој збор, ние немаме никакви недоразбирања.“

Останав без текст. 

Вториот момент кој сакам да го споделам беше последната заедничката прошетка, и посета која ја направивме неодамна во Музејот на македонската борба за самостојност. Ги поканив доктор Арне и драгата тетка Родна да го посетиме музејот. Одевме заедно и јас внимателно го следев Докторот. Пројдовме низ целиот музеј, низ сите фази во борбата за самостојност, и дојдовме до времето на титовизмот како што го нарекуваше Докторот тој период. Разгледуваше внимателно, и молчеше. На излегување посака да напише нешто во книгата за спомени. Јас застанав до него видно заинтересиран да прочитам што ли ќе напише. Напиша три збора „Убаво, точно, и вистинито! И се потпиша Д-р Арне Н. Ѓоргов.“

Таа остроумност, концентрација, потребата да се внимава на секој пишан збор, но секогаш да се напише, да се документира, Доктор Арне ни ги остави во спомен, и денес кога повеќе не е со нас.

Почивај во мир докторе,

Твој Владо 

 

providers