ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
Healthgrouper: Да се воведе партиципација при посета кај матичен лекар  

Вкупните фиксни трошоци на една ординација со вработен лекар и медицинска сестра се околу 92000 денари (конзервативни проценки);

Мнозинството матични лекари и медицински сестри во просек заработуваат помалку од нивните колеги вработени во државно здравство;

Да се испита потреба од воведување минимална партиципација кај матичен лекар;


(28 јуни 2012) - Воведувањето на капитацијата во примарното здравство во Република Македонија е најкрупниот и најхрабар политички и реформски чекор кој воопшто се има спроведено во процесот на транзиција и трансформација на македонското здравство. Во периодот од само неколку месеци од 15 септември до 31 декември 2006 година се комплетираше целата приватизација во примарното здравство при што од фиксна и загарантирана плата, докторите кои работат во примарно здравство преминаа на плата во зависност од бројот на пациентите кои го имаат регистрирано на своите листи. Воведувањето на капитацијата уште на самиот почеток беше проследено со дилеми околу тоа колку всушност заработуваат лекарите. За едни, заработувачката беше голема и прецената, за други ниска и нереална. И покрај тоа што висината на капитациониот поен речиси и да се нема променето во изминатите 10 години, дилемата дали матичните лекари заработуваат “многу” сеуште постои. Healthgrouper.com спроведе истражување помеѓу матичните лекари кои работат во Република Македонија за да се утврди точно колку заработуваат, споредено со трошоците кои ги имаат за одржување на своите работни места (Види PDF).

Истражувањето укажува дека една тим од примарното здравство составен од лекар и медицинска сестра просечно има околу 92 000 денари фиксни месечни трошоци. Во оваа пресметка не се земени во предвид и вариаблините трошоци кои се различни од ординација до ординација. Матичните лекари – кои несомнено влегуваат во групата претприемачи, имаат релани трошоции за инвестиција во сопствените објекти, и се под постојан притисок од санкции преку кои се контролира нивната работа. Во идеална ситуација ако една Приватна Здравствена Установа во примарното здравство осе вклопува во просечниот месечен износ на капитацијата добиен според нашето истражување од 111 972 денари, и ако нема дополнителни трошоци, санкции, отплати на кредити ќе може да и останат на располагање максимум околу 20 000 денари за развој, едукации, инвестиции и слично. Оваа пресметка е под услов платите да останат исти поточно, 20 000 денари нето за доктор, и 14 000 денари нето за медицинска сестра. Овие плати се пониски од постоечките плати на лекар и медицинска сестра вработени во државно здравство.

Главните забелешки на лекарите во однос на нивните примања се однесуваат на: висината на капитациониот бод, (не) редовноста во исплаќањето на капитацијата, обемната администрација и пречестите посети на пациентите дури кога тоа и не е потребно.

Сведочења на лекари: 

Работам се и сешто само не како доктор, а и не се чувствувам како доктор. Пациентите ми кажуваат каква терапија треба да им дадам. Треба да ги услужам и да ги слушам тие како сакаат, за да бидат задоволни затоа што така пишува во договорот со Фондот. Прегледот ми поминува во работа со хартија, чукање во компјутерот, и објаснување на пациентите за правилата кои ги поставува Фондот. Добивам впечаток дека пациентите се во заблуда дека добиваат квалитетни здравствени услуги..

Седам по цел ден пред компјутер и само печатам некои нови извештаи, пропусници, распореди..”

Преоптеретени сме со администрација, а следењето на административни новини ни ја намалува можноста за следење на медицински новини. Само правилник за критериуми за боледувања ви треба две недели да го научите."

Ако порано лекарите кои работеле во државно здравство, а сега се во приватно, воопшто не се грижеле за тоа колку изнесувале сметките за струја, вода, парно, телефон, сметководител, принтери, тонери, и другите трошоци, сега секој денар го пресметуваат. Ако порано, трошокот бил заеднички и го плаќала државата, денес трошоците се лични и докторите кои работат во примарно здравство и се платени преку капитација ги плаќаат од сопствен џеб. Оваа трансформација во приодот кон работата, кон сопственоста, и кон односот лекар-пациент од државно, кон приватно е во суштина една од главните придобивки на приватизацијата која е во интерес на подобрување на состојбите. Но таа придобивка за да се оддржи и развива е неопходно да биде континуирано стимулирана и надградувана од страна на здравствените власти. Нашето истражување покажува дека матичните лекари имаат неспоредливо повеќе обврски и потреба од континуирано планирање и балансирање помеѓу приходите и расходите во работата. Тоа е аспект од работењето кој сеуште е несватлив за докторите кои работат во државно здравство.

Капитацијата како реформа и начин на плаќање во многу што ги постигна зацртаните цели. Но, после 10 години неопходна е ревизија на постоечкиот модел и изнаоѓање алтернативи за негово подобрување и дополнителен развој. Постојат повеќе модели каде капитацијата е комбинирана и со мала доплата при посета на лекар. Актуелните состојби ја истакнуваат потребата да се направи детална пресметка и анализа како би се одразило воведувањето минимална партиципација на примарно ниво. Сегашната состојба стимулира непотребни и прекумерни посети кај матичните лекари што се гледа и од просечниот број прегледи за кои известуваат лекарите. Воведувањето минимална партиципација ќе доведе до ограничување на непотребните посети, подобрување на квалитетот во лекувањето како резултат на намалениот обем на работа, и можност за дополнителни вработувања на лекари и медицински сестри во примарното здравство. Од партиципација може и ќе треба да бидат ослободени одредени категории пациенти за кои пресметките ќе покажат дека таквиот трошок би ги одвратил од потребата да посетат лекар.

Потребно е да се изнајде баланс помеѓу потребите на лекарите за достоинствени приходи, помалку администрација, и очекувањата на пациентите за бесплатно и квалитетно здравство. Успехот на капитацијата и реформите во примарното здравство треба да бидат соодветно наградени од страна на здравствените власти. Воведувањето партиципација на примарно ниво е политички непопуларен потег, но се чини неопходен за понатамошен развој на здравството на примарно ниво. Успехот на реформите во примарното здравство треба да служи како пример и мотивација на лекарите кои сеуште се во системот на државното здравство, каде реформите никако да почнат, или никако да завршат.

www.healthgrouper.com е интернет сервис за комуникација помеѓу докторите и проценка на квалитетот на лекувањето. Healthgrouper им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во Македонија. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers