ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 
Хелтгрупер Самит #1

Скопје, 16ти декември 2012 (недела 10.00ч)

Хотел Холидеј Ин


Отворено за „Плаќањето по учинок“ Кој добива, кој губи?


(Скопје, 16 декември 2012 год) - Хелтгрупер го организира првиот меѓународен Самит за Проектот Плаќање по учинок, во хотелот Холидеј Ин со почеток во 10 часот. Врвни меѓународни и домашни експерти се поканети да ги дискутираат различните опции во дизајнирањето на слични реформи во светот. Самитот се очекува да обезбеди можност за отворена дебата околу проектот за Плаќање по учинок во Македонија помеѓу клучните чинители во процесот, како и да ги презентира меѓународните искуства од спроведувањето на овие реформи на стручната и поширока јавност. Самитот ќе се пренесува во живо преку Интернет. Превземете ја деталната агенда на Самитот ТУКА. English version here.

Информација до медиумите во word.

Меѓународните искуства во имплементирањето на проекти за плаќање по успешност/учинок ќе ги презентираат двајца еминентни експерти. Проф. Кристиан Лако доаѓа од Универзитетот Радбоуд во Нијмеген, Холандија. Др. Лако има објавено повеќе од 60 научни труда во областа на здравствените политики. Еден од најзначајните трудови токму во областа на плаќањата по успешност му е објавен во врвниот научен американски журнал за здравствен менаџмент оваа недела. Презентацијата на Др Лако ќе се движи во насока на тој труд кој е воедно и материјал за дискусија на учесниците на Самитот.

Вториот странски предавач е проф. д-р Франц Порзолт од Универзитетот во Улм, Германија. Проф. Порзолт е клинички економист на факултетот за историја, филозофија и етика во медицината. Тој е основач на Клиничката Група за Економија на Универзитетот во Улм, автор бројни научни публикации меѓу кои и на книгата "Оптимизирање на здравјето: подобрување на вредноста при испорачување на здравствените услуги".

Целта на Самитот “Отворено за Плаќањето по учинок: Кој добива, кој губи?” е преку научен пристап и дебата да понуди одговори на неколку клучни прашата: Кој добива, кој губи од оваа реформа? Кои се опасностите и каде се можностите во дизајнирањето на реформите околу плаќањата по учинок? Како да се направи успешен проект?

Покрај странските експерти на Самитот ќе учествуваат десетина еминентни домашни професори, предавачи и панелисти. Поради големиот интерес и актуелноста се очекува Самитот да го посетат повеќе од 300 гости, а ќе биде и обезбеден директен пренос во живо преку Интернет.

Вовед и матерјали за дискусија

Министерството за здравство на Република Македонија презема иницијатива да развие и имплементира нови финансиски стимули за докторите вработени во јавните болници со цел да го подобри квалитетот на понудените здравствени услуги. Еден од механизмите кои имаат добиено на значење во изминатите десетина години помеѓу креаторите на здравствените политики се моделите за Плаќањето по учинок/успешност (ППУ). Пристапот на ваквите политики е замислен да ги стимулира докторите и давателите на здравствени услуги (провајдерите) кон подобрени перформанси со цел да се унапреди квалитетот на здравствените услуги, ефикасноста и да се намалат трошоците. Почетниот ентузијазам и успех во имплементацијата на различни вариации на проекти за ППУ е под постајани предизвици од причини што сѐ уште нема јасни и реплицирани докази во успехот на овие реформи. Постоечките докази сугерираат дека нема правилен модел за успешна ППУ реформа. Имено, се повеќе растат грижите помеѓу креаторите на здравствените политики дали овој пристап ќе ја подобри вредноста за здравјето? Дилемите се дали не е прерано да се форсира имплементацијата на овие реформи без соодветни докази за нивна успешност. Имплементацијата на оваа реформа во државните болници во Република Македонија создаде големи фрустрации и незадоволство помеѓу мнозинството доктори кои започнаа генерален штрајк на 14 ноември 2012 година. Ова е прв генерален штрајк на лекарите во земјата поврзан со имплементацијата на здравствена политика сметано од независноста на државата во 1991 година.

Трудови за дискусија

1. Rosenau PV el al. Managing Pay for Performance: Aligning Social Science Research with Budget Predictability. Journal of Healthcare Management 57:6 November/December 2012.

2. Lazarevik V, Kasapinov B. Medical Doctors Attitudes Over Pay for Reporting in Macedonia: A web based email survey. Macedonian Journal of Public Health. December 2012.

www.healthgrouper.com е интернет сервис за комуникација помеѓу докторите и им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во југо-источна Европа. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers