ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 
Врвни светски и домашни експерти ги дискутираа пристапите во поставување приоритети за здравјето

Меѓународниот проект Хелтгрупер во соработка со Македонското Лекарско Друштво, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Светската здравствена организација за Европа, Здружението на лекари Албанци од Македонија, го организираше вториот здравствен Самит со меѓународно учество.


(17 јануари 2014) - Министерот за здравство, Никола Тодоров го отвори Самитот со кратко обраќање кон гостите и публиката. Тој се осврна на важноста од одржувањето на ваков елитен настав во Република Македонија како и на аспектите и пристапите кои ќе ги дискутираат еминентните професори од Харвард и Еврејскиот Универзитет. Посебно се осврна на аспектот како да постигнеме правичност во здравството и рече “Како да постигнеме правичност за здравјето? Како да го унапредиме здравјето на популацијата и да ги заштитиме можностите и способностите на луѓето да функционираат како слободни и рамноправни граѓани? Како да ги пресретнеме здраствените потреби во услови на ограничени ресурси? Одговорите на овие прашања се од голема важност не само за мене како министер за здравство, но за нас во целина како општество. За да одговориме на овие прашања треба да ги утврдиме изворите на нашите согласувања и несогласувања во делот на поставување на приоритетите. Се разбира дека сите имаме различни приоритети. Тие кои се болни, сакаат да бидат излекувани. Тие кои се здрави, сакаат да останат здрави и да живеат долг и продуктивен живот. Но можеме и треба да направиме заеднички напори како во дефинирањето на приоритеите за здравјето да вклучиме колку што е можно повеќе актери и чинители.

Деканот Никола Јанкуловски во своето излагање се осврна на потребата преку вакви собири да се подобри здравствениот систем. Посебен акцент во неговото излагање беше потребата од зајакнување на човечките ресурси. Во таа насока Медицинскиот факултет секогаш ќе ги поддржува овие научни собири и активности.

Проф Јован Тофоски во своето обраќање пред учесниците на Самитот се осврна на потребата грижата на здравјето да биде обезбедена преку вклучување на сите фактори кои можат да придонесат во негово подобрување. Он се задржа на важноста на Самитот во делот на философскиот пристап кон решението и носењето на одллуките во делот на распределбата на средствата. Ги наведе новите болести, и направи поврзаност со новите дијагностики, како и потребата од обезбедување на нови терапии и технологии кои директно влијаат на продолжување и подобрување на квалитетот на лекувањето. Но сето ова прави трошоци, кои растат повеќе отколку растот на БДП во државите. Од тие причини државите се принудени да прават рационализација и поставување приоритети. Во овој сегмент од особена важност е превенцијата и спречувањето на појавата на болестите.

По воведните излагања на учесниците им се обрати светски познатиот професор Норман Данилес од Универзитетот во Харвард. Професор Даниелс е автор на стотина научни публикации и наградувани книги во областа на правична дистрибуција на средствата наменети за здравјето. Професор Норман Даниелс зборуваше на тема како општеството го произведува здравјето. Тој го посочи предоминантното верување дека многумина од нас се пораснати со верувањето дека медицината е главниот придонес кон здравјето. Но од популациона гледна точка има многу други важни детерминанти на здравјето. Клучното прашање е зошто здравјето е од специјално морално значење? Даниелс посочи систематски пристап зошто здравјето е посебно, и каква е нашата меѓусебна обврска како граѓани кон здравјето. Кои се импликациите од нашите одлуки? Тој ја посочи потребата од воспоставуваше делиберативен процес во кој одлуките ке се перцепираат како легитимни и фер. Според неговата теорија дистрибуцијата на можностите за граѓаните во општеството е клучниот елемент во теоријата за правдата, така ако се размислува за здравјето како на пристап кон можностите, тогаш заштитата на здравјето е во директна корелација со обезбедување на правда во општествотo

Има многу фактори надвор од здравственито сектор, и дистрибуцијата на богатството и приходите е многу важна. Нееднаквостите во приходите се зголемуваат. Нееднаквости во раниот развој на децата, кои мора да се превенираат ако државата е заинтересирана да направи фер дистрибуција за здравјето. Руралниот развој е потребно да се потенцира, во споредба со фокусираниот развој во градовите. Клучната поента е дека не знаеме доволно за изворите на нееднаквоситите. Доброто истражување е важно за да ги раководи политиките. Потребно е да се направат истражувања базирани на докази. Податоците мора да се пренесат во вистински истражувања, податоците да се направат достапни за истражувачите кои ќе го зголемат достапот до квалитетни информации и капацитетот на здравствениот систем.

Тој ја претстави неговата теорија наречена Пресметливост за одговорност (accountability for reasonableness) како модел кој успешно го користат многу развиени држави како Англија, Норвешка и други во дефинирање на приоритетите во медицината. “Сaкам да ги предложам алатките за поставување на приоритетие. Економските алатки даваат дел од одговорите, но не и целосното решение. Во секоја група разумни луѓе ќе има несогласувања што да се направи во здравството. Мораме да имаме внимателен пристап на делиберација со цел да ги разрешиме несогласувањата.” Тој предложи потреба од воспоставување широк процес и пристап кој ќе ни посочи дека ни е потребна таа информација, со цел да се разрешат несогласувањата за да дојдеме до фер и легитимна политика.

Во делот на поставувањето на приоритетите во јавното здравје презентација одржа професор Тед Тучински од Хебрејскиот Универзитет во Ерусалим, Израел кој ќе се осврна на превенцијата на болестите со посебен акцент на вакцинацијата. Тулчински ќе ја потенцираше потребата на државата да инвестира во промоција на вакцините и во едукација на медицинскиот персонал, како и на општата популација во државата за позитивните ефекти на имунизацијата.

Кристина Браун од Светската Здравствена Организација ги претстави приоритетите и насоките во кои треба да се фокусираат државите со цел да се справат со нееднаквостите во пристапот до образованието, влијанието на сиромаштијата, вработувањето и други фактори.

Маја Парнарџиева Змејкова, директорот на ФЗОМ ги презентира пристапите во распределувањето на средствата во македонскиот здравствен систем. Таа истака дека повеќе пари за здравјето, ќе резултираат со повеќе здравје за одвоените пари. Но ја потенцираше и важноста како да научиме да работиме на триковите, како со исти средства да направиме повеќе. Се осврна на тоа деак Владата може да одвои повеќе пари за здравство, но има уште 20 сектори каде треба да се одвојат пари. Од тие причини тешко е да се утврдат приоритетите, како што е тешко и во самите дејности да се постават приоритетите. Се согласи со повикот науката да ги користи податоците кои ги има ФЗОМ. Да се користат податоците од ДСГ груперот со цел да се направат многу добри трудови и анализи.

Драган Конески од здружението Фармабренд Нова кое ги претставува производителите на иновативните лекови во Република Македонија зборуваше за важноста на воведувањето на новите терапии и технологии со цел приближување на Македонија до европските и светските стандарди.>

Воведните презентации беа основа за дискусиите кои се одвиваат во двата панела за поставување приоритети, и за интегрирање на социјалните фактори во креирањето на здравствените политики. Во првиот панел на тема Пристапи за рационализација, и поставување приоритети модератор беше др Жидас Даскаловски. Во дискустијата учествуваа Никола Пановски, Маја Парнаџиева Змејкова, Норман Даниелс, Азис Положани, Снежана Костадиноска Милошеска. Вториот панел на тема Здравствена политика и социјални детерминанти го модерираше Владимир Лазаревик и во него учествуваа Тед Тулчински, Драган Ѓорѓев, Фимка Тозија, Данче Гудева Никовска, Борјан Павловски.

По завршување на Самитот, експертскиот тим на Хелтгрупер ги резимираше сите дискусии во конечен извештај со јасни препораки и насоки за понатамошно делување кој ќе биде објавен во месец јануари 2014 година.

Др Владимир Лазаревик основач и претседател на Хелтгрупер изјави ”Ние искрено се надеваме дека овој Самит направи еден мал придонес во развојот на научната мисла и пристапи кон решенија во проблемите со кои се обремени здравствените системи.Се радуваме дека здравствените власти веќе прифатија дел од препораките кои треба да им помогнат како да ги редефинираат пристапите во поставувањето на приоритетите во јавното здравје, и во медицината. На овогодишниот Самит имавме учество и на претставници на официјални институции од Бугарија, Србија и Албанија. Нашата крајна цел е Хелтгрупер Самит да препрасне во традиционален и врвен настан во областа на креирање на здравствените политики во регионот на источна Европа.

 

providers