ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 


Причини кои влијаат на мобилноста на здравствениот персонал од земјите на Западен Балкан

- Професионалниот развој и потребата од повисоки приходи се главните двигатели на експанзивниот тренд на миграција на здравствениот персонал;

- Во речиси сите земји (Македонија, Бугарија, Србија, Косово, Албанија) кои се предмет на нашето истражување лекарите се чувствуваат во подредена положба во однос на пациентите;

- Mладите лекари во целиот регион директно ги поврзуваат можностите за вработување со политичките конекции;

- Лекарите веруваат дека односот на пациентите кон лекарите е сосема спротивен во западните и развиени земји;


19 декември 2014 Скопје, Софија, Тирана, Белград, Приштина

 

Професионалниот развој пред се, како и потребата од повисоки приходи се главните двигатели на експанзивниот тренд на миграција на здравствениот персонал што последните години е присутен во земјите од Западен Балкан. Ова се првичните резултати од регионалното истражување кое Хелтгрупер го спроведува во Македонија, Србија, Косово и Албанија, со помош и финансиска поддршка на Универзитетот Фрибург од Швајцарија, преку Регионалната Програма за Унапредување на Истражувањата на Западен Балкан.
Неопходната потреба за актуелизирање на проблемот со миграцијата на здравствените работници се согледува и од неофицијалните податоци според кои само во последниве години над 1200 доктори од Србија и Македонија заминале да работат во странство, а таа бројка изнесува и до 1700 доктори ако се додадат Косово и Албанија.

Иселувањето на докторите е глобален феномен и е од исклучителна важност да се дознаат точните причини кои го мотивираат здравствениот персонал од Македонија, но и од другите земји во регионот да бараат работа во странство. Иако дел од причините се навидум познати, сепак внимателен истражувачки пристап ќе понуди нови одговори- велат од надлежните институции.

Проблемите и причините позади миграцијата ова истражување ги групира во пет основни категории: економски, професионални, политички, лични и социјални причини за миграција, надополнети со прашања кои го опфаќаат и индексот на задоволство од професијата. При тоа во сите земји е констатирана разлики во причините за интересот за отселување во странство во зависност од возрасната структура на лекарите. Така на пример, младите лекари во сите земји Македонија, Албанија, Србија и Косово се многу порешени за миграција од повозрасните. Нивните основни причини се можностите за професионален развој, како и повисоките примања. Кај овие лекари покрај економските проблеми, се присутни и политички причини поради кои би се отселиле во странство. Имено, во фокус дискусите со лекарите во Албанија, Србија и Македонија, младите лекари директно ги поврзуваат можностите за вработување со политичките конекции. Влијанието на политиката во делот на вработувањето и развојот на кариерата е речиси подеднакво застапено како фактор кој неминовно допринесува за одливот на разочарани кадри од овие земји.

Од друга страна пак, кај повозрасните лекари кои се со подолго искуство дополнителен проблем покрај заедничките економски и социјални причини, кој влијае врз нивното задоволство од работата е и односот на пациентите. Конкрено, во речиси сите земји кои се предмет на нашето истражување лекарите се чувствуваат во подредена положба во однос на пациентите. Лекарите се изложени на закани, вербални и физички напади, притисоци и уцени и не се чувствуваат безбедно. Ваквата ситуација кај повозрасните лекари ја отвора можноста за расмислување да се отселат, од причини што веруваат дека односот на пациентите кон лекарите е сосема спротивен во западните и развиени земји.

-Ние како лекари не сме задоволни од причини што релевантните институции кои имаат обврска да не поддржат тоа не го прават. Пациентите имаат право да ни кажат што сакаат, да снимаат видеа и да покренуваат иницијативи за наводна корупција. Тоа не носи до ситуација во која не ги гледаме пациентите како клиенти, туку како непријател кој може да биде многу лош, изјави лекар од Албанија за потребите на истражувањето.

Конечно она што е најзагрижувачко и присутно во сите земји е дека лекарите од сите генерации не сакаат да ја препорачаат медицинската професија на своите помлади колеги.

Ова регионално истражување се спроведува на идентичен начин, користејќи иста методологија и инструменти-прашалници во сите четири земји. Истражувањето е поделено во неколку фази при што се користат квалитативни и квантитативни истражувачки техники. Во првата фаза се подготвени истражувачките инструменти, и се дефинирани листата на прашања и теми за кои се интервјуираат. Спроведени се разговори со млади и искусни лекари во сите четири земји, и во процес се разговори со клучните чинители во образовните и здравствените системи во гореспонематите држави. Потребата од ваков вид на истражување, лежи во се поголемото актуелизирање на проблемот со миграцијата на здравствениот персонал. Имено, миграцијата во здравствениот систем не е нов феномен, и истиот постоел и е регистриран многу одамна. Но, за разлика од порано сегашните состојби на заинтересираност за професионална мобилност, како и можности за развој и планирање на кариерата во странство е присутен кај младите лекари уште за време на нивните студии. На некој начин желбата за миграција се појавува и е присутна за време на студирањето, за да нејзината реализација се спроведе по комплетирање на студиите. Динамичниот начин на живеење, економските состојби, професионалните можности и усовршувања, промената на демографската слика на населението во развиените земји, како и зголеменото производство на медицински кадар се само дел од причините кои придонесуваат да се зголеми одливот на здравствен персонал од нашите, кон западните високо развиени земји.

Околу ова прашање се водат широки дебати во последниве 10тина години. Миграцијата на здравствените кадри може да биде проблем, а може да биде и од корист, зависно од која страна ги гледаме работите. Ако се работи за иреверзибилна миграција, посебно на специјалисти со долгогодишно искуство, тогаш тоа може да биде проблем за целиот здравствен систем во Македонија. Но, ако се работи за реверзибилна миграција на здравствениот кадар, при што престоите во странство се користат за стручна обука, доквалификација, учење на нови техники и вештини и ако сетоа тоа потоа се примени во Македонија, тогаш тоа е од голема корист не само за здравствениот систем, туку и за целото општество, велат преставници од образовниот систем во Македонија.

Овие состојби покажуваат особен тренд на пораст во изминатите неколку години, при што се забележително покачени шансите за успех при интеграцијата на потенцијалните кандидати-мигранти во развиените земји. Во оваа насока се добива впечаток дека дел од развиените земји имаат и внимателно планирани тивки или официјални политики и механизми кои имаат за цел да интегрираат високо стручен здравствен кадар, со цел да го компензираат недостатокот од сопствен персонал во областа на здравството. Во овој процес во улога на донатори, финансиери, учесници и клучни актери се матичните држави, семејствата, здравствените установи, здравствениот персонал, пред се доктори, но и медицинските сестри. Од другата страна пак на оваа повратна спрега се државите примачи кои ги планираат и создаваат сите потребни услови со цел да се привлечат и задржат потребните кадри користејќи го системот на cherry picking со кои се служат приватните здравствени фондови при изборот на “поволни” осигуреници. Тие земји преку систем на селекција ги одбираат токму они кадри кои ќе исполнат соодветни услови за да овозможи непречена интеграција на потребниот кадар во здравствениот систем на земјата примач. На тој начин, земјите примачи се активни учесници во целиот овој механизам, додека како споредни актери се појавуваат државите кои ги произведуваат здравствените кадри. Тие не само што немаат јасно развиени политики за планирање на човечките ресурси во областа на здравството, немаат јасно развиени можности за стручно усовршување, туку се чини дека воопшто и немаат интерес за промена на постоечките состојби. Поточно, во овие земји не постои јасна стратегија за уписна политика на медицинските факултети со што се овозможува хиперпродукција на кадар, нема јасен и транспарентен пат за вработувања и развој на кариерата која на еден млад доктор може да му овозможи долгорочна перспектива, како што и нема можности за реална валоризација на трудот откако лекарот ќе се вработи.

На тој начин ние сведочиме на појавување на еден нов феномен за нашиот регион каде се формира еден вид на двојна спрега помеѓу производството и превземањето на здравствениот кадар. Велиме нов за нашиот регион, од причини што трендот на превземање и регрутирање на здравствен персонал од помалку развиените кон високо развиените земји е присутен подолго време во светот, со што особено се засегнати земјите од Африка како и Средна Америка. Овие состојби на одлив на здравствен кадар од земјите во развој, кон развиените земји кои се одвиваат со години се и предмет на интерес на Светската Здравствена Организација (СЗО). Во 2010 година на Генералното Собрание на СЗО во Женева, земјите членки го усвоија и Глобалниот Код за етичко регрутирање на здравствен персонал со цел сите инволвирани актери во овој процес да ги почитуваат етичките принципи и проблеми кој овој процес ги претставува. Тоа посебно се однесува на оние земји кои се соочени со хроничен недостаток на здравствен персонал. Сепак, се чини дека влијанието на овој документ е сеуште многу мало, и незабележително во контекст на спречување на миграцијата на здравствениот персонал од нашите земји.

Миграцијата на здравствениот персонал во регионот се повеќе станува растечки феномен којшто со неговиот интензитет може да ја загрози стабилноста на здравствените системи во овие земји. При тоа, придонесува кон намалување на квалитетот на понудените услуги и истовремено го редуцира неопходниот трансфер на знаење помеѓу генерациите. Колку побрзо се признае проблемот со масовното заминување на здравствените работници од своите земји, толку побрзо надлежните институции ќе бидат спремни да превземат конкретни мерки за неговото решавање, кои што се повеќе од непходни во сегашната состојба.

Ова истражување се спроведува со финансиска поддршка на Универзитетот Фрибург од Швајцарија, преку Регионалната Програма за Унапредување на Истражувањата на Западен Балкан.

Продолжува....Целата информација во word.

Координатор на проектот и главен истражувач: Владимир Лазаревик
Истражувачи за Македонија: Неда Поповска Камнар, Блашко Касапинов, Сања Спасова
Истражувачи во Србија: Маја Крстиќ, Миљан Љубичиќ
Истражувачи во Албанија: Ардита Конгонај, Газмент Кодузи
Истражувачи во Косово: Теута Демјаха Агаи, Влера Шпатиа

###

This press release has been prepared in the framework of the Regional Research Promotion Programme in the Western Balkans implemented by University of Fribourg upon a mandate of the Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC), Federal Department of Foreign Affairs.

The views expressed in this press release are those of the authors and do not necessarily represent opinions of the Swiss Agency for Development and Cooperation and the University of Fribourg.

providers