ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
HEALTHGROUPER: ПРИВРЕМЕНО ДА СЕ СТОПИРА ПРОЕКТОТ ПЛАЌАЊЕ ПО УЧИНИОК  

- 94.7% од лекарите специјалисти сметаат дека Проектот Плаќање по Учинок е НЕ ФЕР и НЕПРАВЕДЕН во вреднување на трудот;

- 89% од лекарите сметаат дека проектот се одразува негативно врз тимската работа во колективот;

- 70.6% од лекарите потврдуваат дека проектот непотребно го стимулира бројот на прегледи кои им се прават на пациентите;

- 57.3% сметаат дека проектот негативно се одразува на пациентите;


(Скопје 5 Ноември 2012) - Недоразбирањата поврзани со Проектот Плаќање по Учинок кои во континуитет се присатни во изминатите неколку месеци помеѓу мнозинството лекари специјалисти и министерството (министерот) за здравство резултираа во нова најава за генерален штрајк закажан за 14 ноември, 2012. Непопустливоста на двете страни укажува на фактот дека проектот Плаќање по Учинок имплементиран во постоечката форма предизвикува бурни контроверзии. Со цел да ја утврди фактичката состојба Хелтгрупер спроведе блиц истражување помеѓу лекарите специјалисти кои се директни учесници во проектот. На лекарите им беа поставени 4 прашања и можност на секој од одговорите да дадат образложение зошто така одговориле. Дополнително, едно прашање беше оставено отворено со цел да им овозможи на лекарите да ги остават своите забелешки.

Во истражувањето вкупно до моментот на објавување на прелиминарните резултати учествуваа 210 лекари специјалиси. Сите лекари кои го започнале истражувањето во целост одговориле на прашањата. Тимот на Хелтгрупер за прв пат регистрира ваква 100% ангажираност и мобилизираност помеѓу лекарите во Република Македонија. (Види PDF)

Резултати и дискусија

Наодите од истражување укажуваат дека огромното мнозинство од лекарите специјалисти кои се директно вклучени во проектот тврдат дека: проектот не е фер и не го вреднува праведно трудот на лекарите, проектот се одразува крајно негативно врз тимската работа во здравствените установи, го стимулира непотребно бројот на прегледи кои им се прават на пациентите, со што вкупното влијание на проектот е крајно негативно, тврдат лекарите. Една од водечките цели во модерните здравствени системи е интеграцијата на здравствената заштита. Постоечкиот модел за плаќање по учинок е во директна спротиставеност и наместо кон интеграција и соработка помеѓу докторите, води кон дезинтеграција и креирање персонални конфликти кои можат да имаат директна штетна последица по лекувањето на пациентите. Резултатите од новото истражување само ги потврдуваат претходните наоди дека проектот за плаќање по учинок не треба да се имплементира во ваква форма.

Заклучоци и препораки

- Проектот Плаќање по Учинок е НЕ ФЕР и НЕ ГО ВРЕДНУВА праведно трудот на лекарите;

- Проектот се одразува крајно негативно врз тимската работа во здравствените установи;

- Проектот го стимулира непотребно бројот на прегледи кои им се прават на пациентите;

- Министерството за здравство да го повлече, прилагоди и етапно да го имплементира проектот притоа согледувајќи ги сите негативни коментари.

Во интерес на подобрување на сосотојбите, како и отворањето можност сите актери во процесот да научат повеќе, Хелтгрупер заедно со финалниот извештај интегрално ќе ги објави сите коментари на лекарите. Во оваа прилика издвојуваме неколку коментари.

Коментари на лекарите 

Не може еден ист профил на специјалисти и субспецијалисти да се мерат во делот учинок меѓе себе, само во рамки на работната организација (ЈЗУ) во која работат, а не во рамки на цела РМ. На пример доколку просекот на интервенции во рамки на Клиниката за еден интернист или гастроентеролог е 200 интервенции, а на истиот тој профил во рамки на некоја од Клиничките болници е 100 на месечно ниво, тоа значи дека истиот профил на специјалисти во рамки на Клиничките болници со многу помал број интервенции (доколку истиот го надминува локалниот просек) би добиле награда, а оние од одредена клиника иако абсолутно имаат изработено повеќе интервенции ќе бидат казнети само затоа што заостануваат зад локалниот просек. Основен предуслов за равноправен систем на плаќање по учинок е истиот да биде интегрален минимум во рамки на секоја пооделна специјалност во медицината во целата држава. Дополнителен момент е потребата од некои темелни почитувања на законот во рамки на јавното здравство пред да се премине на ваков проект. Ова пред се мислам на строго почитување на работното време од сите вработени во ЈЗУ. Јавна тајна е непочитувањето на истото и можноста за привидно почитување и покрај воведените електронски картици за регистрирање на работното време. Од таму, има многу поважни основни работи кои би требало да се подобрат во јавното здравство, пред да се направи било каков обид за вака комплексна реформа."

Всушност не постои норма, норма е она што денес сме го изработиле и треба да се колеме меѓусебе за да си ја земеме платата или па да му брцнеме во џепот на колегата."

“Системот се сведува на проста анализа на бројки, кои не ја одразуваат комплексноста на работата."

Се работи за бројка, а не за квалитет на учинок. Системот дава можности за манипулација и со тоа не го вреднува правилно трудот на лекарите. Пример услуги кои не можат да се проверат дали се извршени, најразличен тип на советувања, упатства и сл. кои ако се изведуваат траат подолго време и треба да се високо вреднувани, може да се наведат и без да се изведени, или едноставно без никаков труд да се даде претходно напишан лист хартија кој пациентот сам треба да го прочита."

Секој проект кој причинува незадоволство кај мнозинството од оние на кој се однесува, во случајов лекарската професија, по дефиниција не може да биде успешен. Да не заборавиме дека основен предуслов за задоволни пациенти е задолжително одсуство на незадоволство кај лекарите кои се задолжени за грижата за нивното здравје и тоа не само од формално-правен туку и етички аспект."

Трка" за пациенти, правење непотребни прегледи заради поголем учинок, индивидуален, а не тимски пристап кон пациентите особено оние пациенти со посложена патологија."

"Ако некој доктор има многу работа, (тоа не подразбира квантитет) тој нема време да се занимава со внесување на услуги, броење на бодови и сл., па може да остане без учинок, додека пак друг може да си прави математика по сопствен терк и да биде награден."

"Се закажуваат контролни прегледи на пократки временски интервали, се повторуваат дијагностички прегледи и испитувања почесто од потребното, се продолжува бројот на болничките денови повеќе од потребното и сл."

Системот пружа бројни можности за злоупотреба, наградување на оние кои се согласуваат и казнување на тие што не се, со намалување на платите. Во нашиот случај, на чело на институцијата се наоѓа прилично конструктивен менаџерски тим со кој може да се најде заеднички јазик - обата директори се отворени за сугестии и конструктивни, така да злоупотреби нема, Меѓутоа, имајќи го предвид нашето претходно исклучително лошо искуство со претходниот менаџерски тим, се плашиме дека при евентуална промена на менаџерите може да имаме непринципиелни закинувања и наградувања.”

Овој систем е извор на живото-загрозувачки грешки како од дијагностички, така и од прогностички аспект. Доколку се направи евалуација за само 3 месеци примена, тоа и ќе се потврди. Патем, професорите и асистентите посветуваат на едукација се помалку време, при што се создаваат неквалитетни лекари кои со ваков систем уште повеќе имаат шанса да бидат уште по неквалитетни.”

Несоодветна категоризација на интервенциите што се наведени во системот, лошо (не логично ниско или високо) бодирање на одредени интервенции во системот, отсуство на независна комисија за надзор на системот за ППУ (неможност за жалби, поплаки, предлози, сугестии на кои би се одговорило реално и навремено), многу нелогичности во внесувањето на интервенции по учинок (нпр. забрана да се внесува „стационар“ во ден наменет за амбуланта, иако обврските за стационар за денот кога лекарот има амбуланта (амбулантски прегледи) се исти (визита, прием, испис) итн).”

www.healthgrouper.com е интернет сервис за комуникација помеѓу докторите и им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во југо-источна Европа. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers