ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 
Загрижувачки 60.6% од студентите на медицина сакаат да се отселат од Македонија по завршување на студиите

- Загрижувачки 60.6% од студентите на медицина „сакаат да се отселат од Македонија„ по завршување на студиите;

- 54.5% би сакале да работат во приватно здравство;

- Хирургијата е најатрактивна специјализација за 44.8% од студентите запишани во прва година на Медицинскиот факултет во Скопје;


(9 јануари 2013) - Меѓународниот проект Хелтгрупер спроведе истражување помеѓу студентите на Медицинскиот факултет во Скопје кои се запишани во прва година од нивните студии. Целта на истражувањето беше да се проценат главните очекувања кои студентите ги имаат на почетокот на студирањето. Хелтгрупер ќе го спроведе истото истражување во 2018 година на истата генерација студенти со цел да се споредат разликите во одговорите кога студентите се прва година, и кога ќе бидат при крајот на нивните студии. Идентични истражувања се во подготовка и во останатите држави каде е активен проектот Хелтгрупер. Помеѓу останатото ова истражување има за цел и да ги воведе студентите во основите на апликативна научно истражувачката работа. (Видете го целиот извештај во PDF)

Студирањето медицина е поатрактивно за припадничките на женскиот пол. Мнозинството од преку 70% од новата генерација студенти на Mедицинскиот факултет се женски. Огромното мнозинство од сите студенти кои се запишале на Медицински факултет изјавиле дека основната причина поради која сакаат да студираат медицина е дека сакаат да бидат доктори, што во принцип и не треба да изненадува. Нивните одговори се поткрепени и со отворени изјави во кои ги образложуваат своите причини. Еден од студентите напишал дека основната причина поради која студира медицина е “Можноста да се биде лекар, да се помага, да се изнуди насмевка на нечие лице кога сите се откажале од тоа и да се врати нечиј живот во што е можно по прифатлива состојба за мене е од непроценливо значење. Можноста да се работи толку благородна истовремено и благодарна работа е само дополнителен мотив”.

Се чини дека најзагрижувачки податоци ова истражување открива во интересот на студентите да ја напуштат државата по завршување на нивните студии. Одделни две прашања ја обработуваат темата за развојот на идната кариера на студентите. На прашањето Дали би сакале да останат во Македонија по завршување на студиите, речиси половина поточно 47.7% од сите студенти изјавиле “Сакам да се отселам”. На второто прашање формулирано како “Доколку може да одберете, каде би сакале да работите по завршување на студиите”, загрижувачки 60.6% изјавиле дека “Сакаат да се отселат”. (График 2 и 3).

Од друга страна пак, околу 25% од студентите останувањето во Македонија го поврзуваат со можноста да најдат работа. Само 33.3% од студентите кои се од Скопје, потврдиле дека би да работат во Скопје по завршување на студиите, додека остатокот од 66.7% изјавиле дека планираат да се отселат. Во слична насока се и резултатите на студентите кои доаѓаат од другите градови во внатрешноста на Македонија. Само 27% од оваа група студенти планира да остане во својот град или населено место по завршување на студиите. Мнозинството или 56.1% од нив планира да се отсели од Македонија, додека околу 17% би сакале да работат во Скопје.

Во однос на прашањето каде ја гледаат својата идна кариера приближно половина од студентите запишани во прва година од нивните студии како преференцијална идна гранка за специјализација би ја одбрале хирургијата (44.8%). На второ место по атрактивност се издвојуваат интерната медицина и сродните гранки со вкупно 19% од понудените одговори. Понатаму следуваат гинекологија и педијатрија (15.5% и 13.8%), додека најмал процент од интересот на студентите кои се запишани во прва година е за специјализацијата по семејна медицина или матичен лекар (7%).(График 1)

Мнозинството од студентите го преферираат приватното во однос на државното здравство. Така, 54.4% изјавиле дека по дипломирањето би сакале да работат во приватно здравство, додека околу 35% изјавиле дека би им било сеедно каде ќе работат само доколку најдат работа.

Резултатите од ова кратко истражување спроведено помеѓу студентите запишани во прва година на Медицинскиот факултет во Скопје отвараат многу прашања за кои ќе биде потребно да се направат дополнителни анализи. Сепак она што остава најголем впечаток е големиот интерес кој студентите го прикажуваат за напуштање на Република Македонија по завршување на студиите. Овие поразителни податоци бараат дополнителни социолошки анализи со цел да се утврдат точните причини поради кои студентите својата перспектива ја гледаат надвор од државата. Дел од причините се веќе наведени во нивните отворени одговори кои може да се синтетизираат во следнавиве изјави “Ниските плати и пред се потценувањето на докторите во Македонија ме тера да размислувам за напуштање на државата”, или “Нашата работа не се цени во Македонија и не е реално платена.” Во одговорите на овие прашања може да се побараат и причините поради кои мнозинството од студентите својата шанса или интерес за вработување би го барале во приватното здравство, за сметка на државниот здравствен сектор кој станува се понеатрактивен за новите генерации.

Резултатите од ова кратко истражување нудат можност и потреба за јавна дискусија и отворена дебата на повеќе прашања. Што треба да направи државата и Медицинскиот факултет за да ги мотивира студентите да останат во Македонија? Како да ги направиме понеатрактивните медицински специјализации интересни и привлечни за студентите? Како да им се понуди подобра перспектива на новите генерации? Каков пристап да се заземе во креирањето на здравствените политики и идното планирање човечки ресурси во здравството? Во спротивно, Медицинскиот факултет, и пред се државата се соочува со горчлив проблем, да школува кадри кои преференцијално својата идна перспектива ја бараат надвор од матичната држава.

Информација до медиумите во Word.

Назад кон сите известувања до медиумите.

###

www.healthgrouper.com е истражувачки проект за проценка на квалитетот на лекувањето. Healthgrouper им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во Македонија. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers