ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 
Интересот за отселување на студентите по медицина од Македонија се намалува

45% од студентите на медицина во генерацијата 2013/2014 во Скопје би останале во Македонија доколку најдат работат по дипломирањето

47.6% би сакале да работат во приватно здравство;

Хирургијата и понатаму е најатрактивна специјализација за 40.3% од студентите запишани во прва година на Медицинскиот факултет во Скопје;


(10 јануари 2014) - Меѓународниот проект Хелтгрупер го спроведе традиционалното истражување помеѓу студентите на Медицинскиот факултет во Скопје кои се запишани во прва година од нивните студии академска 2013/2014 година. Целта на истражувањето беше да се проценат главните очекувања кои студентите ги имаат на почетокот на студирањето. Хелтгрупер ќе го спроведе истото истражување во 2019 година на истата генерација студенти со цел да се споредат разликите во одговорите кога студентите се запишани во прва година, и кога ќе бидат при крајот на нивните студии. Идентични истражувања се во подготовка и во останатите држави каде е активен проектот Хелтгрупер. Помеѓу останатото ова истражување има за цел и да ги воведе студентите во основите на апликативна научно истражувачката работа.

Речиси идентично како минатата 2013 година, и кај новата генерација студенти медицината е поатрактивна за девојките. Мнозинството од околу 75% од новата генерација студенти на Mедицинскиот факултет се девојки. Нешто помалку од 1/3 од студентите кои учествувале во истражувањето се од Скопје, додека мнозинството од речиси 68% доаѓаат од внатрешноста на државата, а околу 1% се студнети од други држави. Најголемиот процент од сите студенти кои се запишале на Медицински факултет или околу 90% изјавиле дека основната причина поради која студираат медицина е дека сакаат да бидат доктори, 9% од студентите одговориле дека не знаат зошто студираат медицина, додека 1% ја одбрале опицијата „Ме натераа од дома“.

Нивните одговори се поткрепени и со отворени изјави во кои ги образложуваат своите причини. Една студентка напишала “Тоа е професијата во која што се гледам во иднина, професија која ме прави среќна и испонета. Самите студии прават да бидам испонета и задоволна...знам дека не направив грешка во изборот, тоа е нештото кое секогаш го сакав (чувството кога ке помогнеш).“. Друг студент напишал „Да им докажам на другите националности во мојот роден град дека медицината не познава национална разлика за да бидеш лекар, и дека од мојата национална припадност има деца капацитети но поради предрасудите и погрдните зборови од страна на другите кои не нарекуваат "ѓупци" едноставно се откажуваат од својата желба да бидат лекари, од страв дека нема да ги вработат по завршувањето и нема да бидат третирани како што треба.“

За разлика од резултатите на истото истражување од минатата година каде процентот на студенти кои планираа да ја напуштат државата по завршување на нивните студии беше повисок, оваа година резултатите покажуваат значително подобрување. Повторно во две одделни прашања се обработуваше развојот на идната кариера на студентите на медицинскиот факултет во Скопје. На прашањето Дали би сакале да останат во Македонија по завршување на студиите, 45.3% од сите студенти изјавиле “Да, ако најдам работа”, додека само 17,4% изјавиле дека „сакаат да се отселат".

На второто прашање формулирано како “Доколку може да одберете, каде би сакале да работите по завршување на студиите”, 35% од студентите изјавиле дека „Сакаат да се отселат“ за разлика од минатата година кога дури 60.6% од студентите имаа изјавено дека “Сакаат да се отселат”. (Табела 1 види прилог)

Додека минатата година околу 25% од студентите останувањето во Македонија го поврзуваа со можноста да најдат работа, помеѓу оваа генерација студенти повеќе од 45% изјавиле дека би останале во Македонија доколку најдат работа. Интересот за работа во главниот град Скопје е поголем кај новата генерација студенти каде 44% изјавиле дкеа сакаат да работат во Скопје, за разлика од минатата година каде вкупно 23% го одбрале истиот одговор.

Во однос на прашањето каде ја гледаат својата идна кариера повторно најатрактивна идна гранка за специјализација е хирургијата со околу 40%, а следуваат геникологијата и педијатријата со по 19% од понудените одговори. Оваа година специјализацијата Семеен лекар е привлечна за околу 7.5% од студентите, и е пред интерната медицина која е одбрана од страна на 6% од испитаните студенти (График 1 види прилог). Повторно мнозинството од студентите го преферираат приватното во однос на државното здравство. Така, 47.6% изјавиле дека по дипломирањето би сакале да работат во приватно здравство, додека околу 30% изјавиле дека би им било сеедно каде ќе работат само доколку најдат работа.

Споредбените резултати од двете кратки истражувања спроведени помеѓу студентите запишани во прва година на Медицинскиот факултет во Скопје во генерациите 2012/2013 и 2013/2014 година оставаат простор за развој и обработка на дополнителни истражувачки прашања. За разлика од минатата година кога интересот за напуштање на државата беше исклучително висок, оваа година студентите покажуваат поголем интерес да останат во матичната држава. Разликите во одговорите помеѓу двете генерации студенти може делумно да се должат и на различните временски периоди во кои се спроведени истражувањата. Така, за разлика од минатата година кога беше актуелен штрајкот на лекарите и нивното изразено незадоволство поради воведувањето на проектот плаќање по учинок, оваа година се отворени многу нови работни места во здравствениот систем кои се чини делуваат привлечно за идните генерации лекари. Доколку оваа претпоставка е точна, тогаш е потребно да се задржи мотивацијата на студентите во текот на целите студии и да им се овозможи долготрајна перспектива за професионален развој во матичната држава.

(Напомена: При користењето на информациите задолжително да се посочи изворот Healthgrouper.com 2014 Сите права задржани)

Информација до медиумите во Word

Информација во PDF

Назад кон сите известувања до медиумите.

###

www.healthgrouper.com е истражувачки проект за проценка на квалитетот на лекувањето. Healthgrouper им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во Македонија. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers