ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 

 

Прв научен труд за Плаќањето по Учинок: Документирана политизацијата во здравството!

Не постои успешен модел за плаќање по учинок;

Бројни се опасностите во дизајнирање на ваквите реформи;

Повеќе од 85% од докторите сметаат дека политиката има пресудно значење во здравствениот систем


(Скопје 9 декември 2012) Експертскиот тим на меѓународниот истражувачки проект Хелтгрупер ја објави првата, од серијата научни публикации за Проектот Плаќање по Учинок во Македонија. Трудот "Ставовите на докторите по медицина околу проектот плаќање по учинок" кој е на англиски јазик е објавен во реномираниот научен журнал Macedonian Journal of Medical Sciences. Овој труд се базира на резултатите на истражувањето кое го спроведе Хелтгрупер помеѓу лекарите по медицина вработени во државното и приватното здравство во Република Македонија.

Трудот ги сумира меѓународните искуства поврзани со имплементација на проекти за плаќање по успешност. Досегашното научно искуство укажува на тоа дека не постои успешен модел на проект за плаќање по учинок. Опасностите во дизајнирање на ваквите реформи се бројни. Искуството укажува дека успехот на ваквите реформи исклучиво зависи од вклучувањето на докторите во процесот на планирање на реформата. Овој научен труд за прв пат ја документира преку истражување политизацијата во здравствениот систем. Повеќе од 85% од докторите кои учествувале во истражувањето сметаат дека политиката и интересите на политичките партии имаат пресудно значење во здравствениот систем во Република Македонија (Фигура 1).

Авторите Лазаревик и Касапинов заклучуваат со четири клучни препораки до креаторите на здравствените политики во Македонија:

- Министерството за здравство да организира изготвување независен извештај кој ќе го сумира досегашното искуство во спроведување на проектот и ќе предложи препораки за понатамошни чекори;

- Развојот на реформите мора да ги вклучи докторите низ целиот процес на дизајнирање на реформата;

- Проектот плаќање по учинок мора да биде тестиран во неколку пилот болници пред да се имплементира во пракса;

- Конечно неопходно е да се дефинираат параметри преку кои ќе се процени успехот на реформите, нешто што во постоечниот проект целосно недостасува.

Ова е за прв пат во Република Македонија да се користи научен пристап во анализа и проценка на ефектите од спроведена здравствена политика при што основната целна група на истражувањето се докторите по медицина, на кои директно се однесува реформата.

www.healthgrouper.com е интернет сервис за комуникација помеѓу докторите и проценка на квалитетот на лекувањето. Healthgrouper им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во Македонија. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers