ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 
Задоволство на лекарите во Македонија од нивната работа - Компаративна анализа 2012 и 2014 година

Регистрирано е зголемување на незадоволството помеѓу лекарите од нивната работа во споредба со 2012 година;

60% од испитаните лекари размислуваат да го променат своето работно место;

84.1% од лекарите во 2014 година се незадоволни од можноста за остварување на дополнителни приходи;

58% од лекарите се незадоволни од општата атмосфера за работа;


(19 април 2014) - Меѓународниот проект Хелтгрупер по втор пат помеѓу лекарите во Македонија го спроведе истражувањето за процена на задоволството од нивната работа. Првото вакво истражување беше спроведено во 2012 година, на примерок од 216 доктори. Во второто истражување, свои одговори дадоа 278 доктори од Македонија, кои работат во јавните здравствени установи, како и во приватни здравствени установи кои имаат договор со ФЗОМ. Од вкупниот број лекари кои учествувале во истражувањето 52% работеле во државниот здравствен сектор, додека 48% во приватното здравство. Во одност на нивото на здравствена заштита, 46% од испитаните лекари работеле во примарно здравство, 25% во општи болници, 25% во универзитетски клиники, и останатите 2% во специјалистички ординации. Во однос на возрасната дистрибуција беа направени три категории при што 16% се под 35 години, 38% се помеѓу 36 и 50 години, и над 51 година се 46% од учесниците во истражувањето. Истражувањето беше спроведено електронски со помош на истиот истражувачки инструмент-прашалник кој беше користен во 2012 година, составен од вкупно 22 прашања. Вкупно шест прашања истражуваа поединечни аспекти на задоволството од работата. Можните одговори на тие прашања беа распределени во седум степени користејќи Ликертова скала. Одговорите се движеа од “многу незадоволен” до “многу задоволен”.

Според добиените резултати, може да се добие генерален заклучок дека задоволството од работата помеѓу лекарите во 2014 година е намалено споредено со 2012 година сметано преку клучните индикатори. Вкупно, 73.9% од докторите биле незадоволни од својата плата, споредено со 60.1% во 2012. Слично, во однос на факторот дополнитeлни приходи дури 84.1% од докторите во 2014 година се незадоволни од можноста за остварување на дополнителни приходи (71.7% во 2012 година). Регистриран е и пад во однос на факторот сигурност на работно место при што дури 56% од испитаниците се чувствуваат незадоволни од сигурноста на своето работно место, споредено со 41.4% во 2012 година (табели 1-а и 1-б)

Лекарите во Македонија чувствуваат и помало задоволство од општата атмосфера за работа, при што дури 57.9% од испитаниците во 2014 се незадоволни од општата атмосфера за работа (табела 2-а и 2-б).

Посебен аспект во компаративната анализа на задоволството како доктор опфаќаат факторите кои се однесуваат на статусот кој докторот го ужива во општеството, помеѓу семејството, пријателите, како и помеѓу пациентите, при што кај сите овие фактори се бележи намалување на задоволството. Така, од статусот помеѓу пациентите во 2012 имало 78.8% задоволни доктори, додека во 2014 година само 59% се задоволни од статусот. Нешто помало намалување на задоволството се бележи кај факторот статус помеѓу семејството и пријателите додека во однос на факторот статус во општество се бележи значителен пад на просечното задоволство. Воедно, дури 74% од испитаниците во 2014 се незадоволни од статусот кој го уживаат во општеството, додека задоволни се само 20.5% (табели 3-а и 3-б).

Намалување на задоволството се бележи и кај факторот однос на пациенти. Така, просечното задоволство е намалено од 4.7 на 3.63, при што 50.8% од докторите се незадоволни од односот кој го покажуваат пациентите кон нив, споредено со 2012 кога задоволни биле дури 65.5% од испитаните доктори (табела 4-а и 4-б).

Стресот продолжува да биде значаен фактор за нелагодност кај докторите. Така, споредено со 2012 година, кога просечното задоволство од нивото на стрес на работното место изнесувало 3.03, во 2014 година е дополнителено намалено на 1.92, при што дури 87% од докторите се изјасниле како незадоволни од нивото на стрес во секојдневните работни активности (табели 5-а и 5-б).

Промена на работното место Промената на работното место е битен фактор кој е директно поврзан со задоволството од работата. Во истражувањето спроведено во 2012 година, се утврди дека дури 45% од вкупниот број испитани доктори изјавиле дека размислуваат да го променат постоечкото работно место. Од тие кои размислуваат за промена на работното место, 31.4% размислуваат да преминат од државно во приватно здравство, додека загрижувачки 57% изјавиле дека размислуваат да ја напуштат државата и да заминат во странство. Останатите 11.6% од докторите изјавиле дека размислуваат и да ја променат професијата. Во новото истражување од 2014 година е регистрирана уште поголема иницијатива за промена на постоечкото работно место на докторите, па така дури 59,4% од исптитаниците изјавиле дека размислуваат за промена на работното место. Од оние кои размислуваат за промена на работното место, 16.4% размислуваат да преминат од државно во приватно здравство, додека дури 63.2% размислуваат да ја напуштат државата и да заминат во странство. Значителен дел (20.5%) од испитаниците размислуваат и за промена на професијата.

Коментар:

Податоците од новото истражување кое го спроведе Хелтгрупер помеѓу лекарите во текот на месец март 2014 година укажуваат на зголемување на незадоволството од работата гледано преку призма на неколку клучни индикатори. Најголемо зголемување на незадоволството е искажано во зголемениот стрес од работата (87% незадоволни), од висината на платите и од можноста за остварување дополнителна заработка. Исто така регистрирано е и зголемен процент помеѓу лекарите кои размислуваат за промена на работното место, додека дури 20% размислуваат да ја променат и професијата.

(Напомена: При користењето на информациите задолжително да се посочи изворот Healthgrouper.com 2014 Сите права задржани)

Задоволство на лекарите 2012 година

Финален извештај во PDF

Видео матерјали од Хелтгрупер Самит

Фото архива од Хелтгрупер Самит 2013

Фото архива од Хелтгрупер Самит 2012

Назад кон сите известувања до медиумите.

###

www.healthgrouper.com е истражувачки проект за проценка на квалитетот на лекувањето. Healthgrouper им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во Македонија. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers