ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
"Помогни да биде подобро": Приватност во лекувањето  

- Пациентите не знаат дали им се заштитени личните податоци во здравствените установи;


(Скопје 14 мај 2012) - Приватноста и доверливоста на информациите кои се поврзани со здравјето и болеста на пациентите се исклучително битен сегмент во процесот на лекувањето. Претпоставка е дека на луѓето кои се лекуваат во здравствените установи им е важно информациите поврзани со нивната здравствена состојба да бидат заштитени, и да не може секој да ги дознае личните и доверливите податоци. Едно од прашањата во истражувањето кое го спроведе Healthgrouper.com во Македонија, Србија и Бугарија го анализираше и овој сегмент во процесот на лекување.

Резултатите од истражувањето за Македонија укажуваат дека само 34% од вкупниот број испитани пациенти веруваат дека личните информации поврзани со нивното здравје се заштитени во установите каде се лекувале. Најголемиот процент или 46.5% не знаат дали информациите им се заштитени, додека 19% сметаат дека нивната приватност во установите каде се лекуваат не е заштитена. Најнизок степен на доверба во однос на заштитата на личните податоци во здравствените установи Healthgrouper.com утврди во Србија каде само 28.7% од сите испитани учесници во истражувањето одговорите со ДА. Најголемиот процент од испитаниците или 52.4% одговориле со НЕ ЗНАМ, додека 19% веруваат дека податоците не им се заштитени (Табела 1).

Највисок степен на доверба во сигурноста на личните податоци кои се чуваат на ниво на здравствена установа имаат пациентите во Бугарија каде 46.5% одговориле позитивно. Сепак и во Бугарија е висок процентот на пациенти кои не знаат дали податоците им се безбедни (39.3%), додека само 14% веруваат дека податоците не им се заштитени.

Во зависност од тоа дали лекувањето било во приватна или државна здравствена установа, утврдени се значајни разлики во одговорите. Во Република Македонија 47% од пациентите кои се лекувале во приватни здравствени установи искажале дека имаат доверба дека нивните лични податоци се заштитени, што е речиси двојно поголема доверба во споредба со државните каде тој процент изнесува 24%. Сепак и во приватните и во државните здравствени установи сеуште постои голем процент од пациентите кои не се информирани кој се има пристап до податоците за нивното лекување  (40.3%). Слични се податоците и за Бугарија каде 53.8% од пациентите кои се лекувале во приватно здравство веруваат дека нивните податоци се заштитени во приватните здравствени установи, 42.4% во државните, додека 30.7% одговориле дека не знаат.  

Како да биде подобро?

Интересен е податокот дека во трите држави каде е спроведено истражувањето “Помогни да биде подобро” на Healthgrouper.com највисок е процентот на испитаници кои на прашањето за доверливост на личните информации поврзани со нивното лекување одговориле со “НЕ ЗНАМ”. Во Македонија речиси половина (46.5%), додека во Србија повеќе од половина (52.4%) од сите пациенти не знаат дали нивните лични податоци се заштитени во здравствените установи. Речиси 40% од испитаниците во Бугарија одговориле на идентичен начин. Доверливоста на личните податоци поврзани со лекувањето на пациентите се неприкосновено право и е неопходно здравствените установи да ја гарантираат нивната безбедност. Наодите од ова истражување ја истакнувaат потребата заштитата на личните податоци во здравствените установи во трите земји да добие поголемо значење. При секое лекување пациентите треба да бидат уверени дека личните податоци поврзани со нивното лекување се заштитени, пристапот до нив е строго ограничен и контролиран и податоците нема да бидат злоупотребени.

За истражувањето

Во кампањата „Помогни да биде подобро" коja во текот на месец април 2012 година ја организираше и спроведе меѓународниот проект Healthgrouper.com вкупно учествуваа 3517 пациенти од три соседни земји. Најголем број испитаници или 1479 се од Македонија, 1176 се од Бугарија и 862 пациенти се од Србија. Ова е за прв пат да се спроведе ваков вид кампања во форма на истражување помеѓу пациентите во неколку земји од регионот (Македонија, Бугарија и Србија).

www.healthgrouper.com е интернет сервис за комуникација помеѓу докторите и им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во југо-источна Европа. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers