ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 

Од сколиоза не се умира...или да?

Блашко Касапинов


Во Обединетото Кралство во 2010 година 176 лица (официјално!) умреле од сколиоза; во Франција во 2011 година 134 лица, во Италија 73, во Германија 64....во Холандија 21, во Шведска 12... Чекај, па нели сколиозта не е причина за смрт на ниту еден пациент (пациент бе!)?


Последниве денови во јавноста се појавија „интересни“ мислења, ставови, тврдења од лица за кои неможе да се каже дека се анонимуси или шарлатани, туку напротив, лица кои уживаат некаков интелектуален, научен или професионален углед во заедницата. Обично таквите нивни размислувања ми провоцираат реакции, кои остануваат неартикулирани, само за мене, но денес ете решив да го искоментирам последното од тврдењата кои може да се квалификува како „интересно“.

Имено, веројатно провоцирано од денешниот протест заради смртта на Тамара како и обеледувањето на причината за нејзината смрт, еден доктор, специјалист ортопед и воедно наставник – доцент по ортопедија на Медицински факултет-Скопје, како што пренесуваат неколку електронски медиуми, изјавува: „...сколиозата не е причина за смртта на ниту еден пациент..“ . Сега, за мене барем, оваа изјава или барем онака како ја пренесува медиумот (линк подоле) е нецелосна; она што недостасува е временска и просторна локација на ова тврдење. КАДЕ сколиозата не е причина за смртта на ниту еден пациент и за кој временски период се однесува тоа тврдење: годинава?лани?од секогаш?

Да ја тргнеме настрана временската рамка и да претпоставиме дека тврдењето се однесува за Македонија. Да, во тој случај ова тврдење е вистина, во Македонија официјално не се умира од сколиоза. Сепак, сè ми се чини дека тврдењето има нешто поглобална димензија и сè сака да се каже дека сколиозата неможе да биде причина за смрт кај ниту еден пациент било каде на светов. И сега доаѓа моментот кога треба да се погледа илустрацијата подолу.

Тоа што е прикажано во табелата е приказ на умрени лица заради сколиоза во Европа, преземено од официјалната статистика на Светската здравствена организација. Да ги занемариме повеќето од колоните во табелата и да се фокусираме на шестата колона – број на умрени. Во Обединетото Кралство во 2010 година 176 лица (официјално!) умреле од сколиоза; во Франција во 2011 година 134 лица, во Италија 73, во Германија 64....во Холандија 21, во Шведска 12... Чекај, па нели сколиозта не е причина за смрт на ниту еден пациент (пациент бе!)? Како тоа некој човек или дете може да умре од сколиоза во Франција, Холандија или Шведска, ама не и во Македонија? Мошне интересно станува ако ја прочепкате базата и направите преглед каде сè не се умира од сколиоза: кај нас, во Ерменија, Азербејџан, Босна, Србија, Киргистан, Романија.... Што укажува ваквиот распоред? Дека во овие земји со смртност 0 од сколиоза развиеноста и перформансите на здравствените системи се повисоки во однос на оние земји каде што, ете им умираат луѓе од сколиоза?

Целата цака е во репортирањето и правилното утврдување на основната причина за смрт, одосно кое е тоа заболување кое лежи во основата на настаните, а кои завршиле фатално. Знаете ли дека стапките на смртност од Алцхајмерова болест кај нас (и во групата на земји каде не се умира од сколиоза) е повеќекратно помал од земјите во кои се умира од сколиоза?Тоа е така дека кај нас нема Алцхајмер? Итекако има, само ретко кој правилно ќе ја утврди и репортира основната причина за смрт. Непосредната причина за смрт не е таа која се репортира и која меѓународно се споредува. Ние сме земја во која на трето место по зачестеност како причина за смрт се „симптоми, знаци и ненормални клинички наоди, некласифицирани на друго место“ (во 2013 година 1 213 од вкупно 19 208 умрени, или 6.3%), односно кажано крајно банализирано, кај нас се умира заради смрт или заради престанок на срцево-белодробната функција (па да, обично кога ќе умреш, срцето и белите дробови баш и не функционираат, така?).

Фасцинантно е колку обичниот човек се разбира во докторлакот, а колку пак докторите се разбираат во здравството, репортирањата во здравството и здравствените политики. Сепак, за да се тврди нешто, треба да се има малце подлабоки познавања од областа за која се дискутира, и по можност повеќе од еден труд цитиран на PubMed. 

providers