ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
ПЛАЌАЊЕ ПО УЧИНОК: КОЈ Е ЗА ШТРАЈК? 

Повеќе од 91% од испитаните лекари го поддржуваат штрајкот поради потребата здравствените власти да имаат подостоинствен однос кон лекарската фела;

Дури 83% од лекарите го поддржуваат штрајкот поради потребата да се зголемат платите;

Повеќе од 79% од испитаните лекари вработени во државното здравство сметаат дека треба да се укине проектот плаќање по учинок;


Скопје - (21 септември 2012) - Во периодот помеѓу 10-20 септември, меѓународниот интернет проект Хелтгрупер спроведе електронско истражување помеѓу докторите кои работат во приватниот и државен здравствен систем во Република Македонија. Во истражувањето учествуваа 312 доктори претставници на 45 различни специјалности од медицината и стоматологијата. Овој краток извештај ги сумира резултатите од истражувањето кои се однесуваат на проектот за плаќање по учинок, како и ставови на лекарите за најавениот штрајк закажан за 24 септември 2012 година од страна на Независниот синдикат на клиничкиот центар, иницијатива при која се приклонија и лекари од други центри низ Македонија. Независниот синдикат на Клиничкиот Центар постави три основни барања или причини до Министерството за здравство поради кои ги повикува лекарите на штрајк: да се зголемат платите, да се укине проектот плаќање по учинок, и трето да се има поголема почит на здравствените власти кон докторите.

Во истражувањето на лекарите им беше оставена можноста да ги искажат своите ставови во однос на следнава изјава: “Го поддржувам штрајкот кој го организира независниот синдикат на клиничкиот центар поради потребата да се...”а) зголемат платите; б) укине проектот за плаќање по учинок; в) има поголема почит кон лекарите од страна на здравствените власти. Мнозинството од испитаните лекари ги поддржуваат трите основни причини поради кои е инициран штрајкот. Убедливо најголема поддршка лекарите даваат на потребата да се промени односот на здравствените власти кон лекарската фела. Тука повеќе од 91% од сите испитани лекари независно дали работат во државниот или приватен здравствен сектор, ги поддржуваат своите колеги во штрајкот. Од нив дури 73% целосно се согласуваат, додека дополнителни 18% „се согласуваат” со горенаведената изјава. На второ место следува силна поддршка да се зголемат платите на лекарите. Мнозинството или 56.5% од сите испитани лекари целосно се согласуваат и го поддржуваат штрајкот, додека дополнителни 27% ја одбрале опцијата „се согласувам”. Збирно, за поддршка на штрајкот поради потребата да се зголемат платите се одлучиле повеќе од 83% од испитаните лекари. Конечно, основната причина поради која и се иницираше штрајкот укинување на проектот плаќање по учинок наоѓа силна поддршка помеѓу 34.4% од колегите, дополнителни 28% "се согласуваат", додека остатокот од 37.6% не знаат или не се согласуваат.

Мнозинството од лекари се уверени дека обемот кој го поистоветуваат со квантитет поточно број на извршени услуги има своја доминантна позиција во утврдување на учинокот. Дополнителни параметри кои треба да ги интегира моделот за плаќање по учинок се квалитетот и сложеноста на извршената работа, кој постоечкиот модел според нивните уверувања не ги зима во предвид. Лекарите сметаат дека треба да се земат предвид и индивидуалните вештини, искуство, образованието, способността за тимска работа како и други карактеристики кои постоечкиот модел не ги предвидува. Поради тие недосатоци големото мнозинство од лекарите сметаат дека постоечкиот модел за плаќање по учинок е субјективен и отвара можност за пристрасност и злоупотреби.

Согледувања и препораки 

Преку дијалог да се изнајде компромисно решение кое ќе ги задоволи интересите на Владата да го спроведе проектот, и потребата на лекарите да се интегрираат нивните забелешки;

Министерството за здравство да утврди јасна напишана методологија која детално ќе ги објасни сите параметри кои ги вклучува моделот за плаќање по учинок;

Министерството за здравство да изготви независен извештај кој ќе го истражи досегашното спроведување на моделот за плаќање по учинок.

Превземете го целосниот извештај во PDF или во Word формат.  

www.healthgrouper.com е интернет сервис за комуникација помеѓу докторите и проценка на квалитетот на лекувањето. Healthgrouper им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во Македонија. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers