ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 

За Тамара и другите деца....

 


Како да обезбедиме правичност за сите во услови кога нема пари за секој на кого што му се потребни? За да некому дадеме повеќе, потребно е некому друг да скратиме.


Случајот со девојчето Тамара Димовска длабоко ја разбранува јавноста. Потресните слики, желбите за помош, хуманитарните концерти, одлуки на комисии, интервенции на министри сепак не успеаа да го спасат овој човечки живот. Оваа тажна и трагична приказна ќе остави длабоки траги во македонското здравство. Овој човечки живот е загубен. Сега се поставуваат повеќе прашања и се отвораат нови дилеми: чија е и дали има одговорност? Дали можело да се постапи поинаку и да се спаси животот на Тамара? Јавноста се надева и очекува дека ќе има одговор на овие прашања. Но, тоа животот на Тамара нема да го врати. Она што нам ни останува е како од овој трагичен случај да научиме дали и каде сме погрешиле, како да спречиме повторно да ни се случи ваков немил настан преку кој емотивно ќе се поврзе целата јавност со судбина на едно детенце и нејзиното семејство.

ДНо во реалноста луѓето секојдневно умираат. Понекогаш умираат и деца, умираат и млади луѓе. Некои умираат од наследни болести, некои од ретки болести, повеќето од карциноми и кардио заболувања, некои се несреќни случаи, некои умират од природна, некои од насилна смрт. Многу луѓе се раѓаат со физички или интелектуални попречености што во старт ги поставува во понерамноправна положба од останатите, „здрави луѓе”. Солидарниот здравствен систем, каков што впрочем негуваме ние во Македонија е речиси секогаш повикан да одговори и обезбеди услови за еднакви шанси за лекување на сите граѓани. Но дали сите добиваме еднакви шанси? Токму тука е и суштината на проблемот за кој е потребно да се изнајде системско решение, преку кое ќе се одбегнат субјективностите, протекционизмот, влијанието на медиумите, поединци или други актери.

Pаспределбата на средствата кои се наменети за здравјето и здравството во светот инспирира бурни и тешки етички, филозофски и економски дебати. Што е фер, кој е најдобриот пристап, која е и дали животот има цена, како на сите да им се овозможи правичен удел, како на сите да им се дадат подеднакви шанси? Во литературата, но и во праксата се опишани повеќе пристапи преку кои државите настојуваат да воведат правичност и да ги намалат нееднаквостите кои се однесуваат на распределбата на средствата во здравството. Суштината која ги покренува овие дискусии е дека ниту една држава во светот не може да обезбеди доволно средства за да ги покрие сите трошоци поврзани со лекување, терапии, интервенции, операции, рехабилитации и останати здравствени потреби на своите граѓани. Речиси сите држави се соочуваат со најтешкото прашање и одлука, кога и како да се каже не? Во здравството НЕ се вика рационализацијата на средствата. Во праксата тоа значи дека некоја терапија нема да се одобри, нечие лекување нема да се плати, нечиј живот пред време ќе биде скратен.

Овие дилеми и етички проблеми претставуваат огромен предизвик за речиси сите здравствени системи. Во најголема мера на притисок се изложени фондовите за здравство кои во основа располагаат со средствата и чија основна задача е како да ги распределат парите за да на сите им се понуди она што им е најпотребно. Од друга пак страна, како контрапункт се јавува гласот на јавноста, во случаите кога преку медиумите се запознава со одредено лице со име и презиме и тогаш притисокот се зголемува и се бара секому да му биде платено се. Секој да добие тоа што го бара. Ако станува збор за детенце за чие лекување е потребно да се обезбедат пари со што ќе се покријат трошоците за лекување во странство, да се обезбедат. Ако е потребно да се обезбеди терапија за лицата кои боледуваат од ретки болести, да се обезбеди. Но што се случува со тие случаи кои не можат да се појават на телевизија? Што се случува со тие семејства кои не биле во можност или не сакале нивниот проблем да го изложат во јавноста? Тие заминуваат нечујно, заминуваат тивко.

Како да обезбедиме правичност за сите во услови кога нема пари за секој на кого што му се потребни? За да некому дадеме повеќе, потребно е некому друг да скратиме. Ако се одлучиме дека на сите дечиња кои се во ситуација која е слична како на Тамара, да им се обезбеди лекување во странство, тогаш тежината на одлуките ќе се пренасочи кон прашањето на кого и од каде ќе се скрати? Која група пациенти сегашни или идни тогаш ќе биде оштетена? За да се изнајде решение на овие тешки прашања кои ги покренуваат темите на правична дистрибуција на ресурсите државите формираат посебни тела, комитети, форуми во кои членуваат луѓе од различни профили. Тоа може да се лекари, но неопходно е да има и економиски, филозофи, етичари или како што во литературата се нарекува разумни луѓе. Комисиите кои се составени само од лекари не се во можност да донесат одлука која ќе ги опфати сите елементи на комплексноста на одреден случај. Индикациите за лекување од медицинска гледна точка се во многу што различни од индикациите за лекување од филозофска, етичка или економска гледна точна. Задачата на таа група луѓе е врз основа на светските искуства да дефинираат принципи кои ќе бидат подеднакво применети во сите засегнати случаи. За споредба, кај нас водечкиот принцип за да одреден пациент биде испратен во странство е ако не постојат услови лекувањето да се изврши во Македонија, и ако постојат докази дека лекувањето ќе биде успешно завршено во некоја друга странска болница. Но, никаде не е поставен параметар колку такво лекување може да чини? Што ќе добие пациентот после лекувањето? Дали неговиот/нејзиниот живот ќе се продолжи за една, или повеќе години? Со каков квалитет на живот ќе биде пациентот после интервенцијата. Од друга страна пак, доколку за едно лице се обезбедат средства во рамките на здравствениот буџет за операција или друг вид интервенција во странство, тогаш правилото на правичност вели дека е неопходно да се обезбедат истите средства и за друго такво лице кое ќе се најде во слична здравствена потреба. Токму тоа и се случува деновиве. По смртта на Тамара, се појавија и нови дечиња кои имаат слични здравствени проблеми и за кои е потребно да се обезбеди интервенција. Сега, за да фондот биде правичен ќе биде потребно да се обезбедат средства и за нив. За да јавноста биде правична, ќе биде потребно и за овие дечиња да се организираат хуманитарни настани, добротворни акции и слично. И повторно ќе се отвори прашањето, на кого ќе му се скрати за да некому друг се овозможи.

Македонија и во иднина ќе се соочува со овие етички проблеми и дилеми, и едноставно решение за нив нема да има. НО она што може да има е јасен, транспарентен процес на одлучување, кој ги согледува сите можни аспекти на конкретниот случај, но и ќе ги земе во предвид импликациите на нивните одлуки за сите останати случаи кои ќе се појават во идинина. Тоа можеме и мора да го направиме за да бидеме правични кон сите, но највеќе пред самите себе.

Владимир Лазаревик

 

providers