ДОКТОРИ ОД ДОВЕРБА. ЛЕКУВАЊЕ СО ПРЕПОРАКА.
 

 

Финален извештај: Да се стопира проектот Плаќање по Учинок!

95.2% (94.7% прелиминарни) од лекарите специјалисти сметаат дека Проектот Плаќање по Учинок е НЕ ФЕР и НЕПРАВЕДЕН во вреднување на трудот;

88.4% (89% прелиминарни) од лекарите сметаат дека проектот се одразува негативно врз тимската работа во колективот;

71.4% (70.6% прелиминарни) од лекарите потврдуваат дека проектот непотребно го стимулира бројот на прегледи кои им се прават на пациентите;

61.4% (57.3% прелиминарни) сметаат дека проектот негативно се одразува на пациентите;


Скопје - (11 ноември 2012) - Недоразбирањата поврзани со Проектот Плаќање по Учинок кои во континуитет се присатни во изминатите неколку месеци помеѓу мнозинството лекари специјалисти и министерството (министерот) за здравство резултираа во нова најава за генерален штрајк закажан за 14 ноември, 2012. Непопустливоста на двете страни укажува на фактот дека проектот Плаќање по Учинок имплементиран во постоечката форма предизвикува бурни реакции. Со цел да ја утврди фактичката состојба Хелтгрупер спроведе блиц истражување помеѓу лекарите специјалисти кои се директни учесници во проектот. На лекарите им беа поставени 4 прашања и можност на секој од одговорите да дадат образложение зошто така одговориле. Дополнително, едно прашање беше оставено отворено со цел да им овозможи на лекарите да ги остават своите забелешки. Прелиминарните резултати беа објавени на 5 ноември 2012 година каде 210 лекари одговорија на прашањата. Целосното истражување беше комплетирано на 8 ноември при што се добија одговори од вкупно 301 лекари специјалиси. Разликите во дистрибуцијата на одговорите од прелиминарните до финалните резултати е речиси занемарлива, со што се потврдуваат сите заклучоци, дека проектот треба неодложно да се стопира. Сите лекари кои го започнале истражувањето во целост одговориле на прашањата. Тимот на Хелтгрупер за прв пат регистрира ваква ангажираност и мобилизираност помеѓу лекарите во Република Македонија.

Резултати и дискусија

Наодите од истражување укажуваат дека огромното мнозинство од лекарите специјалисти кои се директно вклучени во проектот тврдат дека: проектот не е фер и не го вреднува праведно трудот на лекарите (Слика 1);

Проектот се одразува крајно негативно врз тимската работа во здравствените установи (Слика 2);

Го стимулира непотребно бројот на прегледи кои им се прават на пациентите (Слика 3);

со што вкупното влијание на проектот е крајно негативно, тврдат лекарите. Дополнително, мнозинството од лекарите веруваат дека проектот ги нарушува и односите помеѓу лекарите и пациентите (Слика 4).

Една од водечките цели во модерните здравствени системи е интеграцијата на здравствената заштита. Постоечкиот модел за плаќање по учинок е во директна спротиставеност и наместо кон интеграција и соработка помеѓу докторите, води кон дезинтеграција и креирање персонални конфликти кои можат да имаат директна штетна последица по лекувањето на пациентите. Резултатите од новото истражување само ги потврдуваат претходните наоди дека проектот за плаќање по учинок не треба да се имплементира во ваква форма.

Заклучоци и препораки

Проектот Плаќање по Учинок е НЕ ФЕР и НЕ ГО ВРЕДНУВА праведно трудот на лекарите

Проектот се одразува крајно негативно врз тимската работа во здравствените установи

Проектот го стимулира непотребно бројот на прегледи кои им се прават на пациентите

Министерството за здравство да го повлече, прилагоди и етапно да го имплементира проектот притоа согледувајќи ги сите негативни коментари.

Превземете го прелиминарниот извештај и нецензорираните коментари на лекарите.  

За истражувањето

Истражувањето се спроведе во периодот помеѓу 3-8 ноември 2012 година. Прелиминарните резултати беа објавени во 5 ноември 2012 година. Истражувањето беше комплетирано со вкупно одговори од 304 доктори специјалисти и 9 администратори. Сите доктори кои го започнале истражувањето во целост одговориле на прашања. Прашалникот беше доставен преку емаил само до лекарите специјалисти кои се директно вклучени во проектот Плаќање по Учинок.

www.healthgrouper.com е интернет сервис за комуникација помеѓу докторите и проценка на квалитетот на лекувањето. Healthgrouper им нуди сеопфатни информации на пациентите за докторите и здравствените установи во Македонија. Хелтгрупер спроведува истражувања во сите земји каде проектот е активен со цел да се направат компаративни анализи за состојбите во здравствените системи во регионот и да се унапреди квалитетот на здравствената заштита. Резултатите од истражувањата се објавуваат јавно и се достапни на следниов линк. Повеќе информации може да добиете на www.healthgrouper.com.

providers